Најчевска: Курти се однесува како бугарските асимилационисти – Партиите што користат да си го креваат рејтингот се екстремни националисти

Обидите за ревидирање на историјата и промовирање на великоалбанскиот национализам и шовинизам, преку нагласениот великоалбански декор, иконографија, агресивна симболика и пораки, се спротивни на македонскиот устав и закони и ги нарушуваат суверенитетот и интегритетот на македонската држава. Општествената и пошироката јавност ги осуди овие постапки и побара одговорност. Дали и надлежните институции ќе ги препознаат овие однесувања, кои имаат потенцијал за насилно уривање на уставниот поредок?– се вели во анализата со наслов „Одгризување од територијалната целовитост на Македонија“, која ја објави веснкот „Нова Македонија“.



Афирмирањето на екстремен национализам и сецесионизам во македонското општество стана прифатливо секојдневие!?

Последните случувања во македонското општество покажуваат дека значителен дел од домашниот албански политички чинител не се ослободил од сеништата на минатото, ревизионизмот за историските вистини и од шовинизмот. Универзитетските професори и експерти посочуваат дека во услови кога некој однадвор се обидува да ја ревидира македонската историја и кога некој отворено ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура, последните чекори на албанските фактори на истиот начин однатре ја подриваат македонската држава. Тие имаат експлозивен потенцијал да ги влошат меѓуетничките односи.

Јавноста побара одговори од надлежните институции, Владата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа, но и од локалните власти за дејствата, што се спротивни од македонскиот устав и со кои се нарушува суверенитетот на македонската држава. Историчарите велат дека со последните случувања се промовираат вредности, спротивни на македонската државност, која има свој историско стојалиште врз основа на историската вистина, факти и аргументи.

Според аналитичарите, последните случувања се афирмирање на великоалбанската идеологија, идеологија, која има територијални стремежи конМакедонија и соседните држави. Македонските граѓани прашуваат зошто се дозволуваат и се толерираат нарушувањето на суверенитетот, владеењето на законите и правото на целата територија на унитарна Македонија? Зошто се нарушуваат територијалниот интегритетот и целовитост на Македонија како држава?

Ревизијата на историјата ја нарушува македонската државност

Во однос на последните настани што се поврзани со преименувања на неколку улици во Скопје и собирите на албански граѓани во земјава, на кои се пројавуваат шовинизам и сецесионизам, со свој став и видување се огласија и неколку универзитетски професори, експерти и историчари. Според нив, афирмирањето албански личности, поврзани со борбата против стремежите за создавањето на македонската држава, ги нарушува државниот карактер и интегритет на Македонија.

Македонските историчари посочуваат дека некои улици сега се именувани според соработници на италијанските и бугарските фашисти, како што беше именувањето според Суљо Отља, воен командант на „Бали комбетар“ и борец против македонското антифашистичко движење, што е спротивно на македонската државност. Некои од улиците во главниот град беа именувани според личности, поврзани со великоалбанизмот и великокосовскиот национализам. Косовскиот премиер Албин Курти присуствуваше на преименувањето на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи без македонските државни симболи.

Великоалбанизмот на најсилно!

Посетата на Курти покажа дека последните случувања се поврзани со ревидирањето на историјата и со промовирање на великоалбанскиот национализам и шовинизам. Тоа беше очигледно од великоалбанската симболика. На настанот не беше интонирана македонската државна химна, ниту имаше македонско знаме. На овој начин се прекршуваат Уставот и  суверенитетот на македонската држава, што не треба да се дозволува.  

Професорката Мирјана Најчевска истакнува дека однесувањето на Курти е еднакво на бугарските асимилационисти. Таа прашува: Дали името на Демачи е ставено во листата на имиња што ја има одобрено Владата? Ако не е, тогаш преименувањето лица со негово име е ништовно. Партиите во Македонија, кои го користат Курти за подигање на сопствениот рејтинг се претставуваат како екстремни националисти.“

Професорката Солза Грчева нагласува: „Адем Демачи е борец за голема Албанија. Се сети некој да именува нешто според имињата на масакрираните од Вејце, Карпалак, полицајците од Диво Насеље, или ќе се запретуваат во заборав оние што ја бранеа државата?“