„Еве, јас сум против измените на Уставот сега и во овие услови и на ваков начин“, му реплицира Професорката Мирјана Најчевска на министерот Бујар Османи според кој сите кои се против измените на Уставот настапуваат заради партиски цели и немаат никакви аргументи за тоа.
Најчевска вели дека не настапува заради некои партиски цели и дека има аргументикои ги набројува:
1. Измените се прават под притисок и во вид на ултиматум што Македонија ја прави заложник на соседна држава која во исто време е и членка на ЕУ.
2. Измените се прават како отстапка на држава која тврди дека не постојат Македонци, дека не постои македонска култура, и традиција, и која потполно ја негира историјата и посебниот историски развој на Македонците.
3. Измените се прават како отстапка на држава која не ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права со кои е утврдено прекршување на правата на етничките Македонци во таа држава.
4. Отстапките се прават во однос на држава чии високи функционери во власта тврдат дека Македонија била и е дел од Бугарија и пројавуваат отворени асимилирачки намери.
5. Отстапките се прават во однос на држава која не ги почитува државните органи, го негира правосудниот систем и врши упад на територијата на Македонија и киднапира македонски државјани.
6. Отстапките се прават во однос на држава која промовира отворање клубови на територијата на Македонија со имиња на ликови кои биле окупатори, крвници, и насилници на територијата на денешна Македонија и против кои се бореле Македонците на овие простори.
7. Отстапките се прават на држава со која потпишавме договор во кој не е дадена гаранција дека ова е последното барање на таа држава и последната опструкција во пристапниот процес на Македонија кон ЕУ. Значи се прави отстапка која отвора врата за низа идни отстапки за кои допрва ќе слушнеме и разбереме’, вели Најчевска и продолжува:
„Ниту Хрватите, ниту Црногорците, ниту Евреите, ниту било која друга етничка заедница која сака да биде впишана во Преамбулата на Уставот на Македонија не го прави ова. И да, тие треба да бидат впишани (кога веќе немаме сили да направиме граѓански Устав).
„Дали се ова доволно аргументи?-прашува Најчевска во објава на Фејсбук.
На крајот додава дека не дозволува „некој кој сам себе се идентификува како слуга на Али Ахмети и кој без око да му трепне ги негира законите на државата која ја претставува и кој е дел од уништувањето на институциите на државата и темелите на владеењето на правото да ме вбројува во оние кои не поддржуваат влез во ЕУ и почитување на ЕУ стандардите“.







