На двегодишнината од Преспанскиот договор, Фондацијата „Фридрих Еберт“ објави дека наградата за човекови права ја доделува на Зоран Заев, а официјалното врачување на наградата е планирано за оваа есен во Берлин.
На тој начин, стои во денешното соопштение, ФЕС му оддава признание на Заев за личната посветеност кон Договорот и неговите проевропски заложби за слободно и отворено општество.
„Со доделување на наградата, Фондацијата „Фридрих Еберт“ му оддава признание на Зоран Заев за неговата мировна политика и склучувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор со Грција во 2018 година. Преспанскиот договор подразбираше промена на името на земјата со што се реши 27-годишниот спор за името и ѝ овозможи на земјата членство во НАТО и отворање на преговорите за пристап кон Европската Унија. Двата договори се централните обележја за подобрување на животните услови во земјата. Со неговата подготвеност да донесе разумни, но во голема мера непопуларни одлуки, Зоран Заев покажа дека тие одлуки се поважни од неговата политичка судбина“, се вели во соопштението на Фондацијата.




