Црна Река Петрол, една од најголемите компании во Македонија која транспортира нафтени деривати и се бави со малопродажба не бензиски станици, значително го проширува својот бизнис со пријавување на многу поголем складиштен капацитет кај Регулаторната комисија за енергетика.
Во одлуката за доделување на нова лиценца поради зголемување на капацитетите, пријавени се нови складишта од трговецот кои сега достигнуваат капацитет од дури 4.600 метри кубни кај Росоман од страна на тиквешката компанија, а интересно е тоа што се пријавуваат објекти за складирање од вкупно 750 м3 за течен нафтен гас (ТНГ).
„Измената на лиценцата се врши поради зголемување на капацитетите со кои се врши дејноста со уште седум (7) надземни резервоари, од кои еден (1) надземен резервоар од 995 m3 за трговија со Екстра лесно 1 (ЕЛ-1), еден (1) надземен резервоар од 995 m3 за трговија со Еуродизел БС, еден (1) надземен резервоар од 995 m3 за трговија со Еуросупер БС-95 и четири (4) резервоари од по 150 m3 за трговија со течен нафтен гас (ТНГ)“, објави РКЕ.
Досега Црна Река Петрол имаше само еден склад од 150 м3 за течен нафтен гас, два од по 50 м3 за бензинот Еуросупр 95, еден од 100 м3 за дизел и еден од 315 за домаќинска нафта, со што може да се заклучи дека компанијата прави инвестиција со која уште посериозно „ќе го напаѓа македонскиот пазар“.
Станува збор за втора најуспешна компанија во 2021 во Кавадарци, по ИГМ Трејд. Сопственик е каварадчанецот Лазар Мицев кој може да се пофали дека лани неговата компанија снабдила нафтени деривати во вредност поголема од 74 милиони евра. Резултатот на Црна Река Петрол лани е за над 70 отсто подобар од претходната година која ја одбележи корона кризата.
Дека е исплатливо да се инвестира во нафтениот бизнис во последно време покажува и инвестицијата на Пуцко Петрол во своите складишта во Кисела Вода. Друштвото побара менување на лиценцата поради зголемување на капацитетите со кои се врши дејноста со уште три надземни резервоари, од кои еден резервоар од 1002 m3 за трговија со екстра лесно, еден резервоар од 1002 m3 за трговија со еуросупер БС-95 и еден резервоар од 705 m3 за трговија со еуродизел, сите со имотен лист во Кисела Вода.
Во октомври беше впишана одлука од страна на Тритерол Петрол за организирање на подружница – склад за нафтени деривати во Струмица за трговија на големо. Единствено познати складишта на компанијата досега беа 9 подземни резервоари во кумановско
Цените на суровата нафта од 2021 година се зголемија како резултат на олабавувањето на ограничувањата поврзани со ковид-19 пандемијата, зголемувањето на стапките на вакцинација против ковид-19 и растечката економија. Сето тоа резултираше со зголемување на глобалната побарувачка од нафта, при што потребите ја надминаа понудата на нафта на светско ниво. Минатата година земјата и нафтениот сектор, покажаа напредок во закрепнувањето од неповолните ефекти од пандемијата со ковид 19, што беше поддржано од летната и рано есенската туристичка сезона, кои придонесоа за зголемување на сообраќајот и прекуграничните движења.
Извор: Фактор.мк







