Над половина од жителите на Бергамо имаат антитела на Ковид-19

Повеќе од половина од луѓето тестирани во италијанската северна провинција Бергамо имаат антитела на Ковид-19, соопштија здравствените власти, повикувајќи се на истражување.



Од 9.995 жители на кои им е направен крвен тест меѓу 23 април и 3 јуни, дури 57 проценти имаат антитела, што индицира дека имале контакт со коронавирусот, покажува истражувањето.

Здравствените власти во Бергамо соопштија дека резултатите се засновани на „случаен“ примерок кој е „доволно репрезентативен“ за да биде сигурен показател за тоа колку луѓе биле заразени во покраината што стана епицентар на епидемијата во Италија.

Антитела беа откриени кај нешто повеќе од 30 отсто тестирани медицински лица, иако тие се сметаат за поизложени на ризик од останатите луѓе.

Во извештајот објавен во почетокот на мај националниот статистички институт ИСТАТ соопшти дека бројот на починати во Бергамо во март е за 568 проценти поголем од просекот за периодот 2015-2019, правејќи го најлошо погоден италијански град во смисла на фатален исход на заразата.

Провинцијата Бергамо регистрира 13.609 случаи на коронавирус, покажува официјалната статистика.

ИСТАТ и Министерството за здравство покренаа кампања за тестирање на крвта на државно ниво, поставувајќи си за цел репрезентативен примерок од 150.000 луѓе за да се стекне увид во ширењето на епидемијата на Ковид-19.

Италија пријави речиси 34.000 смртни случаи од коронавирус и околу 235.000 заразени. Регионот Ломбардија, во кој спаѓа Бергамо, регистрира над 16.000 жртви.