Над десет земји бараат поблиски врски со земјите од БРИКС

Високи претставници од повеќе од десетина земји, вклучително и Саудиска Арабија и Иран, разговараа за поблиски врски со БРИКС за време на состанокот на министрите за надворешни работи на блокот во Кејптаун, Јужна Африка, кој се позиционира како противтежа на Западот, пренесува Ројтерс.



БРИКС, кој сега се состои од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, размислува за проширување и се поголем број земји, главно од глобалниот југ, изразија интерес за приклучување.

БРИКС доби поконкретна форма во последниве години, првично поттикната од Кина и, по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, со дополнителен поттик од Русија.

Во забелешките на отворањето на дискусиите денеска, министерот за надворешни работи на домаќинот Јужна Африка, Наледи Пандор, зборуваше за блокот како застапник на светот во развој, за кој вели дека е напуштен од богатите нации и глобалните институции за време на пандемијата СОВИД-19.

„Светот се поколеба во соработката. Развиените земји никогаш не ги исполнија своите обврски кон светот во развој и се обидуваат да ја префрлат целата одговорност на глобалниот југ“, рече Пандор.

Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Куба, Демократска Република Конго, Коморските Острови, Габон и Казахстан испратија претставници во Кејптаун на таканаречените разговори „Пријатели на БРИКС“, покажа официјалната програма.

Виртуелно учествуваа Египет, Аргентина, Бангладеш, Гвинеја-Бисао и Индонезија.

Еден од двигателите на БРИКС, Кина, минатата година посака блокот да започне процес на прием на нови членки. И другите членови ги именуваа земјите што би сакале да ги видат да се придружуваат на клубот.