Бројот на загинатите во страшните земјотреси во Турција и Сирија надмина 33.000. Очајните спасувачки операции продолжуваат седми ден по ред.



Потврдена е смрт на 29.605 лица во Турција и уште 3.553 во Сирија.

Вкупниот број на загинати во овој момент е 33.158.

Според бројот на жртвите, земјотресот се вброи во петте најстрашни во последните 20 години.

Најстрашните земјотреси во 21 век: Во еден загинаа 316.000 луѓе

Властите соопштија дека околу 6.500 згради во Турција се урнале, а многу се оштетени во зоната на земјотресот, која погодува околу 13 милиони луѓе.

Вкупно 99 земји и понудија помош на Турција, а тимови од 68 земји се на терен, објави Министерството за надворешни работи на земјата.

На терен се 8.850 странски членови, а се очекува да пристигнат уште 1.295 членови на спасувачки и хуманитарни групи.

Мартин Грифитс, координаторот за вонредни ситуации на Обединетите нации, во неделата објави на Твитер дека ОН ги изневериле луѓето од северозападна Сирија.

Светската здравствена организација (СЗО), стравува од голема здравствена криза, особено поради ширењето на колерата во Сирија.

Стотици илјади луѓе останаа без покрив над главата среде зима.

„Ги изневеривме луѓето од северозападна Сирија и тие со право се чувствуваат напуштени. Тие бараа меѓународна помош која не дојде“, напиша Грифитс, кој моментално е на пат за Дамаск.

Тој рече дека должност на ОН е што поскоро да го исправат овој пропуст.