Бројот на загинати во крајбрежниот град Дерна во Либија се искачи на 11.300, додека продолжуваат напорите за потрага по големата поплава предизвикана од пробивањето на две брани при обилните дождови, соопшти во четвртокот либиската Црвена полумесечина.
Мари ел-Дрезе, генералниот секретар на хуманитарната група, телефонски изјави за Асошиетед прес дека уште 10.100 лица се пријавени за исчезнати во медитеранскиот град.
Здравствените власти претходно објавија дека бројот на загинати во Дерна е 5.500. Во невремето загинаа и околу 170 луѓе на други места во земјата.
Поплавите однесоа цели семејства во Дерна во неделата навечер и ги разоткрија ранливостите во земјата богата со нафта, која е заглавена во конфликт по бунтот во 2011 година, во кој беше соборен долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи.
Причина за поплавите беше ударот на ураганот Даниел, невообичаено силна медитеранска бура, а најпогоден беше градот Дерна во неделата навечер.
Жителите рекоа дека слушнале силни експлозии кога се урнале две брани надвор од градот. Водите од браните стигнаа до градот и изфрлија цели згради и луѓе во морето.






