Mедицинските сестри во Англија, Велс и Северна Ирска започнаа национален штрајк во најголемиот протест од ваков вид во историјата, јавува Би-Би-Си.



Над 100.000 членови на Кралскиот колеџ за медицински сестри во Англија, Велс и Северна Ирска ќе престанат со работа денес во периодот од 08:00 до 20:00 часот.

Ова е прв штрајк во 106-годишната историја на синдикатот, а медицинмските сестри бараат повисоки плати.

Кралскиот колеџ за медицински сестри (RNC) соопшти дека на персоналот не им бил даден избор откако министрите одбија повторно да ги отворат разговорите за платите.

Генералниот секретар на RCN, Пат Кален, ја повика владата „да направи пристојната работа“ и да го реши спорот пред крајот на годината.

Кален изјави за Би-Би-Си дека штрајкот претставува „трагичен ден за медицинските сестри“.

„Треба да застанеме во одбрана на нашата здравствена услуга, треба да најдеме начин да им се обратиме на оние над седум милиони луѓе кои седат на листи за чекање, и како ќе го направиме тоа? Со тоа што ќе се увериме дека имаме медицинските сестри да се грижат за нашите пациенти“, рече таа.

Министерката за здравство Марија Колфилд, поранешна медицинска сестра, прифати дека е „тешко“ да се живее од плата на медицинска сестра, но рече дека зголемувањето на платата од 19 отсто „е нереално барање“.

Персоналот ќе продолжи да обезбедува „зачувување на животот“ и одредена итна нега, но рутинските операции и другиот планиран третман најверојатно ќе бидат одложени.