Над 1.500 производи во ЕУ од денеска поскапи, некои од нив и за 50 отсто!

Најголемите трговски ланци во Австрија, Германија, Италија и Шпанија денеска осамнаа со нови, повисоки цени на полиците поради поскапувањето на енергенсите, суровините и транспортот како последица на војната во Украина и економските санкции против Русија.



Млекото и млечните производи во Австрија, каде што инфлацијата достигна 6,8 отсто, највисока по 1981 година, се поскапи за 35 проценти, пивото за 12,4 отсто, зеленчукот за 6,8 отсто, кафето за 6 отсто, лебот и пецивата за 5,9 отсто, јајцата и сирењето за 3 отсто итн.

Во Германија од денеска со повисоки цени се месото, колбасите, путерот, маслото за јадење, за некои артикли и за 30 проценти, а од Здружението на трговците велат дека ова е само привремено и оти наскоро ќе следува нов бран поскапувања.

Цените на основните прехранбени производи скокнаа и во Италија, и тоа маслото од сончоглед за 23,3 проценти, свежиот зеленчук за 17,8 отсто, путерот за 17,4 отсто, тестенините за 13 отсто, брашното за 10 отсто, месото од живина за 8,4 отсто…

„Стандардот на граѓаните сега е многу полош, бидејќи трошоците за живот се поголеми за дури 323 евра по семејство само за храна и за пијалак. Тука се и поголемите сметки за струја и за гориво. Очигледно е дека цените и понатаму ќе растат“, изјави Масимилијано Дон, претседател на Националната унија на потрошувачите во Италија.

Маслото за јадење во Шпанија поскапе за дури 303 проценти во однос на истиот период минатата година, на тестенините за 183 отсто, на оризот за 181 отсто, а на млаекото за 145 отсто.