Нацоски до Трифонов: Помирете се еднаш засекогаш, не сме „един народ“

Македонскиот оперски пејач Благој Нацоски преку Фејсбук му се обрати на бугарскиот музичар, актер, продуцент и ТВ-водител Слави Трифонов.



„Почитуван Слави Т. Трифонов, баба ми покојна секогаш ми раскажуваше за два историски периоди кога била девојче: ‘за време српско’ и ‘за време бугарско’, мислејќи на српската окупација на Македонија до 1941 и потоа бугарската окупација од 1941, кога вие Бугарите бевте сојузници на Хитлер и Мусолини, факт од кој некако тешко ви оди да се засрамите, а камоли да се извините за сите злосторства извршени врз македонскиот народ. Кога зборуваше за овие две окупации, баба ми велеше дека и двете биле лоши, но онаа бугарската била многу посурова.

Другата, пак, баба имаше сестра во Детроит, преселена таму во 1930 година и омажена за Македонец од село Буф (Леринско) роден во 1898. Тие имаат 3 ќерки, од кои две се родени пред Втората светска војна, а третата веднаш по војната. Трите ќерки се изјаснуваат и до ден денес како Македонки, бидејќи биле пораснати во тој дух, и тоа од родители родени околу 1900 година, кога според вашите политичари ние сме биле Бугари и нашиот македонски идентитет бил измислен од Тито во 1944.

Да не должам многу, бидејќи имам безброј сведоштва и документи (странски) за да ги побијам сите бугарски аргументи, односно лаги, само сакам да ве корегирам: ‘Јовано, Јованке’, која ‘седи крај Вардар’, е МАКЕДОНСКА песна!

Помирете се еднаш засекогаш, не сме ‘един народ’, освен фризурата и музиката, јас и вие немаме ништо заедничко.

ПС. Терминот ‘северномакедонски’, односно ‘северномакедонци’ НЕ постои, информирајте се пред да зборувате неточности, не ви личи како ТВ-личност!“, му порача Нацоски на Трифонов во објавата придружена со сопствена интерпретација на „Јовано, Јованке“.