Националната агенција ја демантира директорката од Битола за патувањето во Софија: Училиштето нема добиено грант од „Еразмус“

Националната агенциија за образовни програми демантира дека училиштето „Ѓорѓи Наумов“ од Битола досега има добиено грант од „Еразмус“. Од Агенцијата за ТВ24 велат дека посетата не била во рамки на програмата „Еразмус“, ниту пак фондацијата Бугарска Меморија можела да биде партнер на македонската програма на „Еразмус“.



Ова доаѓа откако вчера директорката на Битолското техничко училиште Жанета Сервини тврдеше дека само таа и заменикот биле во Бугарија, и тоа за да воспостават „Еразмус“-соработка со училишта во Софија.

Реакцијата на директорката уследи откако бугарската фондација „Бугарска меморија“ објави фотографии на кои се гледаат ученици од техничкото училиште, кои беа претставени како „истомисленици на клубот „Иван Михајлов““.

На прашање од телевизија 24 до Општина Битола, дали таа евентуално издала налог за патувањето на директорите од средното техничко училиште и кој ги покрил трошоците за тоа да се реализира, од општинатаа велат дека тоа е во исклучива надлежност на раководствата на училиштата, зависно од нивните планови, програми за работа, како и потенцијалните можности за сорботка и реализација на заеднички проекти и програми.

– По враќањето од Бугарија, директорката Сервини информираше во Општина Битола, дека, имајќи предвид дека во изминатиот период на претходната локална самоуправа, во училиштето веќе имаше донација од бугарска амбасада во вредност од 133.000 евра, веќе воспоставената соработка била искористена како можност и за воспоставување на нова соработка во рамките на програмата „Еразмус+“, во која досега училиштето не било вклучено. Нагласуваме дека не се работи за средношколци од ниту едно општинско училиште, туку само директорот и заменикот“, велат од општината.

Објавите со учениците вчера, по реакциите во македонската јавност, беа избришани од сајтот на фондацијата „Бугарска меморија“. Партиските ограноци на СДСМ и Левица во Битола побараа оставка од диркетрката Сервини.