На виделина излезе список со над 200 јавни и државни институции кои купуваат најскапа струја

Министерствата за економија, за труд, за образование, за здравство, за правда, за внатрешни работи, за образование, за локална самоуправа, многу општини, основни и средни училишта, јавни претпријатија и државни институции – се на листата од над 200 државни и јавни институции што купуваат струја по највисока цена од сите можни цени на слободниот пазар, затоа што таа се продава од страна на „снабдувач во краен случај“ – лиценца што ја има ЕВН Хоум.



Место да имаат свој снабдувач, дел од институциите и јавни претпријатија, без никакво оправдување, купуваат струја од ЕВН, која ја врши и функцијата „снабдувач во краен случај“, а таа струја е наменета за вонредни услови и е најскапа.

Листата со државните и јавните институции ја доби „Слободен печат“ по барање за слободен пристап на информации од „ЕВН“, а на неа може да се види и датумот од кога се купува ваквата струја. Сознанијата се разочарувачки – некои институции така се снабдуваат уште од 2020 година.

Таков е и случајот со Министерството за економија, кое е надлежно за секторот енергетика. Според регулативата, пак, оние што ќе останат без снабдувач, за да не останат без електрична енергија, може да се снабдуваат од ЕВН Хоум, но најмногу до 90 дена.

Снабдувањето со краен случај со електрична енергија е утврдено во член 102 од Законот за енергетика и тоа може да трае најмногу 90 дена. Во случај на пречекорување на дозволениот рок за снабдување со електрична енергија во краен случај, снабдувачот во краен случај има право да го прекине снабдувањето со електрична енергија на тие потрошувачи и за истото да го извести Операторот на електропреносниот систем и/или Операторот на електродистрибутивниот систем за понатамошно постапување – велат од ЕВН, но не ни одговорија дали досега имаат исклучено корисници што го пречекориле рокот за снабдување во краен случај.

Од „ЕВН “ објаснуваат и дека ова „снабдување во краен случај“ е со цената што е значајно повисока од берзанската.

Според Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај, цената за снабдување во краен случај се утврдува врз основа на просечна цена за електрична енергија на пазарот „ден однапред“ на берзата HUPX за месецот за кој се однесува пресметката, зголемена за 20 проценти. Цената за снабдување во краен случај во април е 8 денари за киловат-час – велат од „ЕВН Хоум“.

Како што дознаваме, Владата неколкупати добила список со државни и јавни институции што купуваат струја од ЕВН Хоум. Таа ги предупредила надлежните во тие институции да си најдат снабдувач со електрична енергија.

Одговорноста за постапките е на оние што се на чело на институциите, или на јавните претпријатија. Тие одговараат пред тој што ги поставува на таа функција и тој треба да ги контролира и санкционира, па во краен случај и да ги разреши – брифираат од Владата.

Но, како што може да се види од списокот, не станува збор само за директори на институции и на јавни претпријатија што треба да понесат одговорност, туку и на министри што се на чело на министерствата што купуваат ваква струја. Таква струја купуваат и Секретаријатот за европски прашања и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој, па и Македонската академија на науки уметноста!

На списокот се и многу универзитетски клиники и здравствени институции, како и судови.

Досега никој не поднел одговорност што купува најскапа можна струја. Ова купување стана особено актуелно по војната во Украина, кога на берзите се постигнаа огромни цени, многукратно повисоки отколку во веќе склучените договори со снабдувачите, па дел од нив еднострано ги раскинаа договорите, со што корисниците мораа да се префрлат на „снабдувач во краен случај“. Тогаш имаше многу револт од компаниите што беа оставени „на цедило“ од своите дотогашни снабдувачи и мораа да плаќаат струја уште поскапа од берзанската. Но, на општини, министерства, образовни, здравствени и јавни институции и сега не им пречи да плаќаат најскапа струја со народни пари.