На Украина ѝ снемува муниција, бара помош од ЕУ

Украина ги предупреди своите сојузници дека се соочува со „критичен“ недостиг од артилериски гранати, при што Русија распоредува три пати повеќе огнена моќ на фронтот секој ден.



Според украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров украинската армија има недостиг од артилериски гранати и може да потроши околу само околу 2.000 гранати долж линијата на фронтот долга 1.500 километри.

Агенцијата Блумберг прецизира дека Умеров ова го напишал во писмо до европските министри за одбрана оваа недела во кое се вели дека на Украина ѝ се потребни најмалку 200.000 гранати од 155 мм месечно – т.е. 2,4 милиони за цела година.

Според европските проценки, Русија може сама да произведе двојно повеќе проектили, а освен тоа Северна Кореја и обезбедила еден милион проектили.

Умеров ги повика сојузниците да дејствуваат побрзо за да и обезбедат муниција…

Минатата година, Европската унија си постави за цел да произведе еден милион гранати за Украина до пролетва, но сега признава дека нема да го исполни ветувањето – дури ни половина од тоа.

Оваа недела, министрите за одбрана на ЕУ објавија дека еден милион гранати ќе бидат заеднички произведени до крајот на оваа година, со планови за двојно зголемување на производството следната година.