Претседателот на Беса Билал Касами во интервју за весникот на албански јазик Лајм потврди дека се одржала средба на лидерите на албанската опозиција и лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари со косовскиот премиер Албин Курти минатата недела во Приштина. Касами изјави дека се реални можностите по оваа средба Алијансата за Албанците да одлучи да соработува со албанската опозиција на следните парламентарни избори.
Лајм ги пренесува искажувањата на Касами: Тој вели дека Алијансата за Албанците конечната одлука ќе ја донесе на партиското собрание, што треба да се одржи наскоро. „Тоа беше една од многуте средби, што ги имаме како опозиција овде, но и заедно со Ветевендосје. Јавноста знае дека сме во заеднички проект поврзан со претстојните парламентарни избори, каде што конечно се вклучија сите национални и европски сили, за да се направи политичката ротација. Во оваа насока имаше и средба со премиерот на Косово Курти, на која се разговараше како да се случат промени кај Албанците од Македонија, исто како што се случи во Косово.“ – рече Касами.
Дали беше на таа средба и Арбен Таравари?
Касами: Да, тоа беше полујавна средба, бидејќи бевме заедно во Приштина и на состанокот. Ние зборуваме отворено за можноста Алијансата за Албанците, но и други субјекти, поединци и здруженија да му се приклучат на Европскиот сојуз за промени.
Албин Курти се сретна со вас одвоено?
Касами: Не, бевме на заедничка средба.
Што предложи Курти?
Касами: Немаше негов предлог. Ветевендосје отворено ја поддржува коалицијата и тие преку нивниот претставник Беким Ќоку ќе бидат дел и од листите на Европскиот сојуз за промени, со што активно ќе помагаат и ќе бидат дел од промената кај Албанците од Македонија.
По средбата кај Курти се зголемија, или се намалија можностите за соработка со Алијансата за Албанците?
Касами: Верувам дека се реални тие можности, затоа што дури и раководството на Алијансатаза Албанците знае дека нејзините гласачи се опозициски настроени и овој гласач не може да се придружи кон гласот на ДУИ. Затоа веруваме дека и органите на Алијансата за Албанците, кои треба да се состанат деновиве, ќе одлучат да бидат таму каде што се нивните гласачи.





