Шест градови во Полска, кои општинските власти ги прогласија за „ЛГБТ слободни“ и каде се забранети кампањи за правата на истополовите парови, им е скратен достапот до еден од фондовите на Европската унија, соопшти портпаролот на Европската комисија, пренесе АП.
Одбиен е пристапот до фондот за финансирање на активности за збратимување на општините. Износите во рамките на ваквите проекти не се големи – до 25 илјади евра- и тие ги кофинансираат заедничките програми на заедниците од две или повеќе населени места.
Имињата на шесте града не беа официјално објавени, бидејќи правило е да не се открива кој не добил одобрение за пристап до фондовите на ЕУ.
Во вторникот, Хелена Дали, Европската комесарка за еднаквост, соопшти на Твитер за одбиените апликации на полските градови. „Вредностите на ЕУ и основните права мора да се почитуваат“, додаде таа.
Полскиот министер за правда го нарече одбивањето „неосновано и нелегално“ и ја повика владата да се обрати до Европската комисија за промена на одлуката. Тој бара европските институции да го почитуваат националниот идентитет на 27-те членки и ставовите на сите граѓани.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, пред две недели водеше успешна реизборна кампања, заснована на анти-ЛГБТ слогани и тврди дека станува збор за идеологија поопасна од комунистичката.
Декларацијата на градовите за ЛГБТ слободни зони нема правна вредност или правни последици, но се смета за јасна манифестација на дискриминација.





