Сара Кадем (25) настапи на неодамнешното Светско првенство во брзопотезе шах на ФИДЕ во Казахстан без марама, што ја налага иранскиот строг кодекс на облекување, по што Иран распиша меѓународна потерница по неа.



Таа пребегна во Шпанија, откако иранските власти побарале таа да сними видео на кое се кае за своите постапки како услов да се врати дома, а кога таа одбила, била издадена потерница.

„Како шахисти секогаш мораме да предвидуваме што ќе се случи следно, но… не одеше како што очекував“, изјави Кадем за Ројтерс на непозната локација во јужна Шпанија, каде што сега живее со сопругот и детето.

„Појавувањето без шамија беше нешто што го сметав за правилно и не жалам за ништо“, рече таа, додавајќи дека симнувањето на шамијата стана еден од симболите на движењето во Иран.

Иран е зафатен со демонстрации против раководството на земјата од средината на септември, кога 22-годишната девојка со курдско потекло, Махса Амини, почина во притвор на полицијата за морал, која ја приведе поради „непримерно облекување“.

Кадем нагласи дека смртта на Махса „ги скрши срцата на сите“, инспирирајќи многумина да протестираат. Оттогаш, голем број ирански спортистки кои се натпреваруваат во странство се појавија во јавноста без шамии.

„Одлучив конечно да направам нешто што сакам, да бидам тоа што сум… Бев мотивирана од народот на Иран“, изјави Кадем, кој моментално е на 774. место во светот.

Таа планира да продолжи да игра под знамето на Иран, иако добила понуди од други земји, пренесува Хина.