Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Бон (некогашниот главен град на Западна Германија), ќе биде продадена а земјите сукцесори меѓу кои и Македонија, да ги поделат 3,75 милиони евра наѝ колку што се проценува објектот, согласно процентите кои се утврдени со Договорот за сукцесија.
Со Анексот Б од Договорот за сукцесија на СФРЈ дефинирано е дека од 123-те дипломатски претставништва на некогашна Југославија, на Босна и Херцеговина и припаѓаат 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Македонија 8, на Словенија 14 и на Србија и Црна Гора, кои тогаш ја сочинуваа СР Југославија, – 39,5 отсто.
Ниту една од наследничките не беше заинтересирана за четири амбасади, односно резиденции на поранешната СФРЈ и тоа во Њујорк, Токио, Бон и Берн.
Минатата година, по беше продаден „апартманот на Тито“ на Петтата авенија во Менхетен, за што купувачот плати 12,1 милион долари. Ова беше прв таков случај на спроведување на Анексот Б од Договорот за прашања на сукцесијата и резултат е на огромните напори на сите државни наследнички во последните две години.
На почеток од оваа година за 14,7 милиони евра беше продадена и поранешната амбасада и резиденции на СФРЈ во Токио, а парите на сметките на државите – наследнички треба да пристигнат овој месец.
На продажба е и амбасадата на поранешната СФРЈ во Берн, за која наводно интерес покажа Москва.
Во Њујорк останува да се продаде уште зградата на Постојаната мисија на поранешна СФРЈ во ОН.
Сите објекти имаат големи квадратури и, како такви, не се рентабилни за ниту една од земјите наследнички на некогашната Федерација, пишува Лидер.





