Работна седмица од 40 часа и плати до 70.000 денари, се дел од понудата во огласот објавен од Јавното претпријатие за државни патишта за ангажирање работници за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот „Бехтел и Енка“ на коридорите 8 и 10д. Рокот за пријавување е 25 април. Вработувањата се за периодот до завршувањето на проектот, односно до 22 јануари 2028 година, како што е наведено во огласот. Кандидатите ќе ги вработува ЈПДП, согласно сопствениот правилник за систематизација.

Со огласот се бара помошник на главниот и одговорен координатор на проектот за основна плата од 70.052 денари. Кандидатот мора да е градежен инженер. Понатаму, потребен е координатор на единицата за подготовка на проектот со завршен фалкултет од општествените науки. За позицијата е предвидена нето-плата од 60.005 денари. Се бара и градежен инженер за местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот со месечни примања од 65.029 денари.
Градежните инженери си тригодишно искуство можат да аплицираат за петте позиции – „специјалисти за инвестиции и градба на патишта“. Платата е 55.037 денари. Овој месечен износ е предвиден и за еден урбанист, еден геодет, за двајца специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација, за двајца стручни во заштитата на животната средина, за еден електроинженер со знаења за енергетските објекти и за еден сообраќаен инженер.
Исто така, потребни се и четворица специјалисти за експропријација на имот, со завршен факултет од општествените науки, со основна плата од 45.045 денари. Истите пари се предвидени и за еден преведувач и еден известувач за проектот, а од заинтресираните се бара да имаат „високо образование“.
Со средно образование може да се кандидатите за позицијата администратори, а потребни се двајца. За нив е предвидена нето-плата од 30.000 денари, исто колку и за двајцата возачи, кои треба да се со најмалку средно образование. Селекцијата на кандидатите ќе ја направи комисија формирана од директорот на ЈПДП, и тоа во рок од 45 до 120 дена, зависно од бројот на кандидатите.





