Во ексклузивна изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица, Вукан Њагуљ изразува сериозна загриженоист за оштетувањата на мостот „Беласица“ кој пред две недели беше опожарен.



Во разговорот за МИА, инженерот Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.

„Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток.

Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување.

Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита.

Но како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот, истакнува Њагуљ.

Нагласува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни претпоставки за квалитетот на материјалите на мостот.

„Секоја проценка сега, без тие податоци е просто невозможна. И не само тоа, туку мора да се направат и пресметки врз основа на кои ќе се види состојбата на конструкцијата. Секако, во тие пресметки треба да се влезе со што е можно попрецизни претпоставки за квалитетот на материјалите кои треба да произлезат од испитувањата што мора претходно да се направат“, вели инженерот.

Оценува дека постои можност за оштетување на продолжените кабли во главните носачи.

„Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата“, појаснува Њагуљ.