На македонската екомонија ѝ се заканува многу полоша иднина дури и од тоа што го предвидува Светската банка во последниот извештај, коментираат домашните експерти. Според нив стопанството е пред провалија и може да падне во рецесија. Ризикот од стагфлација односно односно намалување на производството при зголемување на цените е голем.
– Главното прашање што треба да се направи за да се справиме со овие проблеми, тука мислам дека Владата целосно потфрла, јас тоа стално го кажувам веќе шест месеци наназад. Првата грешка што ја прават е што воопшто не се обидуваат да ја контролираат инфлацијата. Она што мора да го направи Владата е да воведе ценовни контроли, односно да ги замрзне цените на основните прехранбени производи. Второто што мора да го направи е да ги замзрнат цените на нафтените деривати, кои се исто така многу поскапени. Друго што мора да направат е да ги покачат платите на работниците, не можат тие со декрет да ги покачат платите на сите работници, но можат да ги покачат платите во јавниот сектор – тоа што го бара синдикатот веќе пола година и што тие тврдоглаво го одбиваат. Третото што мора да го направат е поголеми државни трансфери, односно социјални трансфери, особено за најсиромашните и најранливите, изјави за Алфа, економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ.
За предупредувањето на Светска банка не е изненаден ниту ексминистерот за финансии Џевдет Хајредини. И тој смета дека не очекува низок економскиот раст кој што ќе биде проследен со висока инфлација.
„Ваквото предупредување треба сериозно да се сфати бидејќи рецесијата според последниве економски случувања е се поизвесна.“
Во извештајот на Светската Банка меѓу другото пишува дека инфлацијата достигнува историски нивоа и најмногу ги погодува сиромашните, поради тоа фискалните политики мора да ги таргетираат најранливите категории.
Проекциите за раст се намалени на 2,1% годинава и на 2,7 односно 2,9% во следните две години. Со тоа, Македонија е меѓу најлошо рангираните земји во извештајот. Зад нас се само Украина, Русија, Белорусија и Молдавија – земји или директно вклучени во војната или на самата граница.
Лидерот на опозицијата смета дека сето ова е очекувано после, како што вели, погрешните економски политики што ги води власта. Од Владата пак се правдаат дека сето ова било последица на војната и на пандемијата.
Во извештајот предупредува и дека во услови на сериозни надворешни шокови Македонија има ограничен простор за натамошни задолжувања со кои би им се помогнало на граѓаните и на стопанството. Светска Банка наведува дека јавниот долг годинава ќе биде 59,4% од БДП, а во следните две ќе продолжи да расте и ќе достигне 59,9 односно 61,4%.






