Во сите судови низ земјава треба да има 633 судии но во моментов има само 415. Оваа бројка се менува секојдневно бидејќи некои судии заминуваат во пензија, вели заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми според кој овој недостиг е и причина за доцнењето на предметите и губењето доверба кај граѓаните во правниот систем.
„Замислете во Основен суд Тетово, во последнава фаза, 8 судии заминаа во пензија. Поголемите судови, како што се Кривичен Скопје 1 и судот Скопје 2, имаат недостиг од судии. Да не зборуваме за Апелација каде се предметите посложени, а недостигаат судии. Се разбира, поради недостигот од судии, имаме и доцнење на предметите. Граѓанинот не разбира кога ќе го прашаш и вели дека за еден предмет чека 1 или 2 години, се разбира дека нема доверба“, вели Селим Адеми.
Според последната анкета на ИРИ, 4% рекле дека имаат “целосна доверба“ во судството а “доверба во судството“ имаат 19%.
„И со 19% не треба да кажеме дека треба да бидеме задоволни, бидејќи додека е под 50% не треба да кажеме дека имаме целосен кредибилитет“, вели Адеми.







