Усогласување на пензиите ќе има кон средината на годинава, но и дополнителна финансиска помош за пензионерите, најави премиерот Димитар Ковачевски.
„Веќе имавме едно усогласување, а ни следува уште едно коешто ќе се случи на средина на годината. А, дополнително, со оглед што се работи за година што е година на економска криза, предизвикана од еврпската енергетска криза, правиме анализи за дополнителна финансиска помош за пензионерите, ќе биде скалеста, односно оние коишто имаат најмали пензии да добијат најмногу, а оние коишто имаат повисоки, соодветно на тоа да добијат износ“, рече Ковачевски.
Тој рече дека в петок ќе се одржи првиот состанок за можноста за промена на методологијата за пензиите, која ќе треба да овозможи одржливо зголемување на пензиите, но и дека ќе се прават анализи за финансика помош на пензионерите.
„На ист начин ќе биде направена новата методологија за пензиите која што ќе биде резултат на дијалог со здруженијата на пензионерите, односно асоцијациите на пензионерите. Тој дијалог ќе започне в петок оваа недела. Министерката за труд и социјална политика веќе го има свикано првиот состанок на којшто ќе се разговара за моделите коишто ги имаат размислувано асоцијациите на пензионерите, нормално и економските ресори во Владата. Таа методологија треба да овозможи зголемување на пензиите кое ќе биде одржливо во текот на наредните години, при што треба да се внимава и на одржливост на пензискиот Фонд, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање на МИА.






