Премиерот Ковачевски и неговиот кабинет молчат за последната јавна понуда од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упатена вчера од трибина во Битола.
Потсетувајќи на актуелните општествено-политички состојби во земјава, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против градење на новите патни коридори, но е против крадење и го повика премиерот Ковачевски на јавен медиумски дуел.
,,Имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспарентни, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот. Ајде да излеземе на дуел, бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, очи во очи и јавно да се соочиме само за овој договор. Ако работеле чесно, ако имаат чесен квалитетен договор кој нуди иднина, ќе се појави на дуел”, му порача Мицкоски на Ковачевски.
Вообичаено македонските премиери кои се предизвикани на ТВ дуел ако се храбри веднаш ја прифаќале понудата од своите опозициски ривали или ако се плашат барале алиби да не се соочат на телевизија.
Во случајов цели 16 часа Ковачевски и неговиот кабинет молчат за фрлената ракавица од Мицкоски.
Според лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, нивната партија ќе победи на претседателските избори и на парламентарните избори на кои очекува мнозинство со 61 пратеник.
,,Со победата ќе ставиме крај не само на поразите во дипломатијата, туку и на корупцијата во судството. Оние превирања во судството и обвинителството се всушност борба на фракции и внатрешно незадоволство од истиот колач кој го делат. Затоа е потребна катарза, проветрување кое ќе ги однесе корумпираните на заслужено место и ќе им даде шанса на чесните и професионалците. Судството не треба да биде нечија партиска армија, туку заштитник на правдата, колку и таа да е болна, и колку да е непријатна. На следните избори треба да избереме претседател на народот, и треба да избереме Влада на народот, а за тоа ни е потребна убедлива победа на претседателскиот кандидат позади кој што ќе застане ВМРО-ДПМНЕ и 61 пратеник во Парламентот”, посочи Мицкоски.






