На кој како му одговара – надлежните со различни пресметки за инфлацијата во Македонија

Инфлацијата и понатаму е главен проблем во македонската економија. И покрај тоа што власта постојано се фали дека инфлацијата се намалува секој месец, граѓаните не го чувствуваат тоа во семејниот буџет. За разлика од прогнозите на власта дека инфлацијата до крајот на годинава ќе падне под шест отсто, од Народна банка сметаат дека  просечната инфлација годинава нема да биде пониска од 9,5 отсто. Економските експерти, пак, сметаат дека инфлацијата е висока, бидејќи мерките на Владата се без ефект и немаат влијание врз нејзиното намалување. И од Стопанската комора на северозападна Македонија смета дека актуелните мерки за намалување на инфлацијата не се адекватни и затоа треба да се преземат алтернативни мерки и во иднина да прекине праксата на институциите да не се консултираат со стопанските комори при нивното донесување.



Премиерот Димитар Ковачевски, пред неколку дена, оптимистички најави дека инфлацијата до крајот на годинава ќе биде многу ниска.

– Со сите мерки што ги преземаме, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под шест отсто до крајот на годината. Намалувањето на цените на основните прехранбени продукти дава ефекти. Веќе покажавме дека умееме да ја намалиме дури двојно за само една година – изјави премиерот.

Ама, за разлика од него, Народна банка и нејзината гувернерка, Анита Ангеловска Бежоска, излегоа со различна прогноза.

– Со оглед на повисоките годишни стапки од почетокот на годинава, просечната инфлација за периодот јануари ‒ октомври изнесува 10,7 проценти. Во натамошниот период се очекува дополнително забавување на просечната инфлација, која за цела 2023 година би изнесувала околу 9,5 отсто. Инфлацијата и во 2024 година значително ќе се намалува до 4 проценти во просек – нагласи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека бројките за падот на инфлацијата не се реални и оти цените во маркетите сè уште се многу високи. Поради тоа, тие ќе бараат ревизија на бројките што ги објавува статистиката за инфлацијата. Оттаму прашуваат како може за неколку месеци инфлацијата да падне од 14,7 во август на 3,5 отсто во октомври, а граѓаните речиси воопшто да не го почувствуваат тоа во семејниот буџет.

– Замрзнатите цени на основните прехранбени производи не вродија со плод. Намалувањето на цените не е повеќе од 10 денари од производ. Така, на пример, ако еден производ претходно чинел 30 денари и се покачил на 80, а потоа го намалиле на 70 и ја замрзнале таа цена, не направиле ништо. Ако видиме за овие три месеци, потрошувачката кошничка не е намалена ни 1.000 денари за да биде инфлацијата за еден месец намалена за 3,3 отсто – изјави Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

И од Стопанската комора на северозападна Македонија сметаат дека актуелните мерки за намалување на инфлацијата не се адекватни.

линк до целиот текст: