На Илчев од бугарскиот дел на Историската комисија му паднало жал за Ѓорѓиев?!

Иван Илчев, професор по современа историја на балканските народи и член на бугарскиот дел од Интердисциплинарната комисија за историски и образовни прашања, се нажалил за критиките што ги трпи шефот на македонскиот дел од Комисијата, Драги Ѓорѓиев.



„Жал ми е за професорот Драги Ѓорѓиев. Тој е еден многу добар научник и многу добро се справува со конфликтите во нивната комисија. Го натоварија да го претстави политичкиот дел пред македонската јавност, а македонските политичари не објаснуваат зошто дури сега, во 2022 година, се објавуваат одлуки донесени во 2019 година“, изјави Илчев за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Поранешниот ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Софија ја сожали и власта во Македонија, која, според него, била во тешка состојба, бидејќи „при директен обид за промена веднаш ќе има силно противење“.

„Меѓутоа, многу е важно тоа што во Северна Македонија веќе ќе се кажува дека Самуил е бугарски цар. Доаѓаме до крајот на Средниот век, но вистинските спорови ќе бидат за времето на преродбата“, очекува Илчев.

Според него, нема и не може да има временско ограничување кога ќе се завршат историските прашања.

„Работите се менуваат бавно – гледате како постариот електорат во Бугарија гласа според нивните спомени од пред 1989 година, иако веќе поминаа повеќе од 30 години“, објасни тој.