Генералниот директор на најголемото станбено препријатие во Германија, Ролф Бух, изјави во интервју за „Шпигел“ дека на своите клиенти не може да им гарантира оти следната зима во становите ќе им биде топло.
Според него, одреден број Германци ќе се соочат со значителни дополнителни трошоци за затоплување.
„За поедини потстанари тие би можеле да достигнат износ еднаков на двомесечна станарина“, објасни Бух.
Тој изрази загриженост поради енергетската криза предизвикана од ситуацијата во Украина и јасно стави на знаење дека доаѓа бран поскапувања.
„Политичарите низ Европа регулираа дека во случај на недостиг на гас приватните потрошувачи последни ќе се исклучуваат. Меѓутоа, сè уште не се знае точно што ќе се случи ако, на пример, падне притисокот во мрежата. Веќе сме загрижени“, додаде тој, истакнувајќи дека Германија нема да може брзо да се откаже од испораката на руски гас.






