Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги критикуваше САД дека испратија група воени бродови во источниот Медитеран во знак на солидарност со Израел кој во неделата официјално му објави војна на Хамас, пренесе Катимерини.
За време на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Карл Нехамер вчера во Анкара, Ердоган рече дека преместувањето на ударната група на чие чело е носачот на авиони „УСС Џералд Р. Форд“, поблиску до Израел, ќе предизвика „сериозни масакри“ во Газа.
„Што ќе прави американскиот носач на авиони во близина на Израел, зошто доаѓаат? Што ќе прават чамците наоколу и авионите на него? Ќе ја гаѓаат Газа и наоколу и ќе преземат чекори за сериозни масакри таму“, рече Ердоган.
За време на истата прес-конференција, турскиот претседател го критикуваше присуството на американската војска во Сирија и ги повтори своите критики кон САД за соборувањето на турско беспилотно летало во областа минатата недела, инцидент што Пентагон го опиша како „за жалење“.
„Видете, денес има над дваесет американски бази во Сирија. Што прават американските бази во Сирија?“, праша Ердоган.
Исто така во вторникот, Анкара ја обнови својата понуда да посредува и да ги смири тензиите меѓу Израел и Палестинците, при што Ердоган имаше телефонски разговори со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и рускиот претседател Владимир Путин.







