На Џамбаски не му се допаѓа еврокомесарот Вархелји поради Македонија

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски не го „мириса“ новиот еврокомесар за проширување и за добрососедска политика Оливер Вархелји од Унгарија, а главната причина за тоа е – Македонија.



„Унгарскиот еврокомесар не е добра варијанта за Бугарија. Тој е претставник на овој круг во унгарската политика што ги поддржува проруските и просрпските аспирации на Балканот, најмногу во Македонија. Од наша гледна точка, овој кандидат не е добар“, изјави Џамбаски за телевизијата Бугарија он ер.

„Тој круг го крие бегалецот од правосудството Никола Груевски, во чиешто време имаше 10 години антибугарска политика во Македонија. Тоа е една голема група од електронски изданија, весници, купени од Унгарци, лица под контрола на Виктор Орбан, кои ја водат просрпската, проруската, антибугарската линија на политиката во Република Македонија“, тврди членот на ВМРО на Красимир Каракачанов.

„Ние се обидуваме со нашите колеги унгарски колеги (европратеници) да водиме многу отворен разговор за ова прашање. Јас се сретнав неколку пати со унгарските сопственици на тие медиуми во Северна Македонија и тие ме уверуваа дека не ја поддржуваат таа линија на антибугарската пропаганда и реторика, поврзана со фалсификувањата на историски личности и настани. Сопствениците ме уверуваа дека не ги поддржуваат тие тези и оти тоа ќе биде надминато“, се надоврзува европратеникот Андреј Ковачев.

„Во август темпото на таа пропаганда беше намалено, но по средбата на ЕПП (Европска народна партија) во Загреб одново видовме една хистерија против Бугарија“, дополни членот на ГЕРБ на Бојко Борисов.