Тој беше командант на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, член на Президиумот на АСНОМ и народен херој.



Апостолски е еден од најзаслужните за ослободување на Македонија во Втората светска војна.

Основното и средното училиште ги завршил во Штип. Во 1927 г. ја завршил Воената академија во Белград, во 1933 Високата воена академија, а во 1938 г. ја завршил и Генералштабната академија.

Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана, на должноста началник на штаб на дивизија.

Во текот на кратката Априлска војна во 1941 година командувал со планинските единици на Алпите.

По капитулацијата на Југославија заробен е од италијанската војска и одведен е во логорот Вестоне.

По враќањето во Македонија окупирана од бугарска фашистичка чизма, во септември 1941 година се поврзува со народноослободителното движење во Македонија. Во септември истата година бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а од јуни 1942 година за командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во мај 1943 година бил назначен за генерал мајор. На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ.

Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓаат и бригади од Косово и од јужна Србија. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран во неговиот Президиум.

Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ. Во периодот од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил и член на и Советот на федерацијата.

На 11 октомври 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој.

Добитник е и на наградата АВНОЈ во 1978 година – највисоката награда која ја доделувала СФРЈ, како и многу други награди и општествени признанија.