Премиерот Ковачевски вчера рече дека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ секој ден се јавува во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за да види дали се подготвени да разговараат за уставните измени.
Со кого разговарал по телефон и што конкретно е одговорот од ВМРО-ДПМНЕ премиерот не откри.
Она што Ковачевски го кажува меѓу редови е дека од ВМРО-ДПМНЕ се добиваат негативни одговори за уставните измени.
,,Кога ќе има позитивен одговор тој ќе ве информира”, рече Ковачевски за телефонските обиди на Маричиќ да добие позитивни вести од ВМРО-ДПМНЕ.
Од прес службата на ВМРО-ДПМНЕ денеска негираат дека има телефонска или било каква комуникација со вицепремиерот Маричиќ на тема уставни измени.
Од таму велат дека СДСМ и ДУИ одлично ги знаат условите на ВМРО-ДПМНЕ и ако не ги прифаќаат воопшто не треба да трошат енергија на телефонски разговори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба рече дека без излегување на ДУИ од владата, одложено дејствие на уставните измени до влезот во ЕУ или избори наесен нема што да се разговара со СДСМ.





