Бугарскиот историчар Христо Матанов се чуди како тоа во „северномакедонскиот устав“ имало Бошњаци, но не и Бугари.
„Апсурдно е во северномакедонскиот устав да има Бошњаци, а да нема Бугари. Работите за нас можат да се поделат на две – пред и по овој предлог“, изјави тој за Бугарското национално радио (БНР) во врска со т.н. француски предлог „за впишување на Бугарите како државотворен народ во Уставот на РСМ“, означувајќи го како настан на годината.
Тоа што засега нема двотретинско собраниско мнозинство за уставни измени, според него, покажува дека Македонија како да не сака да влезе во Европската унија. Во овој контекст, Матанов очекува процесот на евроинтеграција на Западен Балкан да потрае.
„ЕУ ќе си има проблеми со интеграцијата на Западен Балкан. Сите тие се проблематични. Ќе има големи проблеми и тоа ќе трае децении“, смета професорот на универзитетот во Софија.






