На Бугарите не им е „по ќеф“ Македонија да влезе во ЕУ

Телефонска анкета спроведена од „Галуп интернешанл“ во Бугарија, покажува дека 59,5 отсто од анкетираните Бугари сметаат дека со „францускиот предлог“ не се земени предвид интересите на Бугарија, 25 проценти оцениле дека тој „во доволен степен ги има предвид“ бугарските интереси, додека останатите немаат став.



Како што јави дописникот на МИА од Софија, според истражувањето, 48,1 отсто од испитаниците го одобруваат соборувањето на владиниот „Кабинет Петков“, а 50,5 проценти не се согласуваат со таквата одлука на Собранието на Бугарија.

На прашањето која партија треба да го добие мандатот за формирање нова Влада, 40,3 отсто сметаат дека тоа повторно треба најбројната политичка формација во бугарскиот Парламент – „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков, додека 18,2 проценти сметаат дека мандатарот треба да го даде ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов.