Најмалку 800 професионални војници на АРМ останаа без две нови чизми по последната набавка на основна опрема од страна на Министерството за одбрана со која се пофали министерката Шеќеринска, која вчера гордо се сликаше со војничките чизми пред медиумите.

“Денеска во магацините на Армијата на Република Македонија се прима целосната пратка од 7.200 чизми кои што ќе значат дополнително подобри услови за секој припадник на Армијата”, изјави Шеќеринска, која со изјавата отвори неколку прашања во јавноста.
Прво, од нејзината изјава нејасно е дали АРМ набавила 7.200 чизми, што се 3.600 чифта или, пак, Шеќеринска направила гаф кажувајќи колку вкупно чизми се набавени.
Второто прашање е зошто АРМ со својот зголемен буџет не набавила чизми за сите свои професионални војници, туку само за еден дел при што над 800 ќе влегуваат во НАТО со стари чизми.
Ова под услов да се набавени 7.200 чифта чизми. Ако се работи за 3.600 чифта, тогаш ни половина војска нема да добие нови чизми.
Трето, како Шеќеринска баш вчера кога пристигнале чизмите “случајно”, како што самата тврди, дојде во посета на својата армија со “својата армија” новинари и камери. Дали и при промоција на новите гуми за возилата на АРМ лани случајно се погоди за сликање и за Пи – Ар со основните потреби на војниците.
Четврто, што значи изјавата дека со чизмите војниците на АРМ добиле “дополнително подобри услови”. Дали министерката условите за работа на војниците и без нови чизми ги смета за подобри.
Шеќеринска својата функција шеф на одбраната ја презеде во јуни 2017 година по што веднаш доби зголемен буџет за одбраната.
Таа е министер 20 месеци.
Според официјалните податоци АРМ има буџет од над 115 милиони евра а во своите редови има вкупно 8055 професионални војници. Дел од нив ќе почекаат да добијат една или две чизми.






