На Албанците да им се забрани да бараат азил во Велика Британија

На Албанците треба да им се забрани да аплицираат за азил во Обединетото Кралство, бидејќи доаѓаат од „очигледно безбедна” земја, изјави британскиот министер за емиграција Роберт Џенрик.



Роберт Џенрик рече дека таквите лица треба да бидат „исклучени од правото да бараат азил“, предупредувајќи дека сегашното ниво на миграција во ОК е „неодржливо“, пренесe Стандард.

Неговите коментари дојдоа откако Министерството за внатрешни работи одби да го коментира извештајот во Сандеј Тајмс дека министрите работат на легислатива со која може да им се забрани на барателите на азил кои влегуваат по нелегални патишта да се населат во ОК.

Министерката за внатрешни работи Суела Брејверман наводно го повикала Риши Сунак да ги поддржи плановите според кои секој илегален мигрант по пристигнувањето треба да се стави во притвор.

Владата е под силен притисок од конзервативните пратеници да се справи со трговците со луѓе кои со мали чамци превезуваат мигранти преку Каналот.

Џенрик изјави дека Албанците сочинуваат повеќе од третина од 33.000 мигранти, кои со мали чамци преку Ла Манш за девет месеци оваа година дошле во Велика Британија и нагласи дека тие „се приоритет број еден“.

Минатата недела Сунак ги одржа своите први разговори со албанскиот премиер Еди Рама, во кои тие се согласија да ги затворат „дупките“ кои го оневозможуваат брзото враќање на одбиените баратели на азил.

„Албанија е очигледно безбедна земја. Многу е тешко да се види како Албанец може успешно да бара азил овде во ОК“, изјави тој за Џи-би њуз.

„Имаме договор за враќање, кој беше потпишан пред една година, а илјада Албанци веќе се вратени назад. Гледаме што можеме да направиме таму“.

Џенрик предупреди дека илегалната миграција најверојатно ќе биде проблем за „многу следни години“ и рече дека министрите се согласиле дека вкупното ниво на луѓе кои влегуваат во земјата е превисоко.

„Не може милион луѓе да влегуваат во земјата за една година и нето миграција од половина милион – тоа едноставно не е одржливо“, рече тој.