„Дилемата што сѐ погласно добива на актуелност во одредени политички кругови и која се изнесува во јавноста со сѐ почести изјави и писанија од одредени политички аналитичари е дека ‘може да се постигне некаков напредок во надминување на блокадата, што ја наметна Бугарија во почнувањето на преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија, со колку е можно побрзи чекори за измени и дополнувања на македонскиот Устав’.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во анализата со наслов „Сугестиите што доаѓаат од Бугарија се ирелевантни“.
„Нова Македонија“ пишува: „Уште понатаму одат некои политички аналитичари, кои претпоставуваат како би можело да се случи тоа. Тие во јавноста го наметнуваат ова прашање како веќе да се почнати подготовки за промена на Уставот?! Тие дополнително го отвораат прашањето: ‘Дали промената на Уставот ќе биде предмет на поширок меѓупартиски консензус, или за тоа е потребно да се изјаснат граѓаните на референдум?“
„Професорот Владо Поповски, кој учествуваше во подготвувањето на текстот на првиот македонски устав по независноста на државата, смета дека сугестиите што доаѓаат од Бугарија се ирелевантни, односно оти само институциите во Македонија може да одлучат кое прашање ќе го стават на референдум, за да се произнесат граѓаните. ‘Не може нешто да се прифати со диктат. Околу промените на Уставот, во однос на споменување и на бугарското малцинство во Македонија, самите граѓани што се чувствуваат како такви да се произнесат. За да видиме колку се. Мора да се почитува и заемноста: и другата страна да го признае постоењето на Македонците во Бугарија. Неоправдани се тврдењата од нивна страна дека нивниот устав не признава малцинства, кога зад правата на македонското малцинство во Бугарија стојат меѓународните прописи за, па и судските пресуди од меѓународни судови за заштита на човековите права.’ – укажува Поповски.“
„Професорката Солза Грчева смета дека за главните прашања, што се однесуваат на промена на Уставот, потребно е задолжително да се изјаснат граѓаните на референдум. ‘За секое отворање на Уставот е потребно да се провери волјата на граѓаните. Не минуваат веќе политички одлуки зад затворени врати и не е доволно тоа што ќе се договори со Бугарија, само да помине низ парламентарна расправа. Парламентот ја изгуби довербата кај граѓаните, поради претходните политички договарања и пазарења со пратенички гласови за промена на уставното име на државата. Правото за промени од национален карактер треба да им припадне единствено на граѓаните преку референдумско изјаснување. Со оглед на досегашниот начин на постигнување поголем партиски консензус не очекувам дека власта ќе се обиде да ги стави овие прашања пред граѓаните и повторно ќе биде заобиколена волјата на мнозинството граѓани.’ – нагласи Грчева.“
Интернет – врска до целата анализа:





