Mногу драма за ништо – Колку „Црн петок“ во Македонија е реален?!

„Црн петок“ во Македонија – многу драма за ништо. На овој ден во цел свет се најголеми попусти, кај нас, според потрошувачите, ден за маркетинг измами. Купувачите често се разочаруваат кога откриваат дека многу од попустите не се толку големи како што се очекувало. Велат ништо нее реално. Државниот пазарен инспекторат најави засилени редовни и вонредни контроли за време на викендот, со посебен акцент на продажните акции за „Black Friday“. Контролите се насочени кон спречување на потенцијални измамнички трговски практики и доведување на потрошувачите во заблуда.



Целта на овие надзори е да се обезбеди почитување на трговските правила и да се заштитат правата на потрошувачите во услови на зголемена потрошувачка активност – истакнуваат од Инспекторатот.

Надзорите ќе опфаќаат проверки на реалноста на попустите, коректноста на прикажаните цени и транспарентноста на трговските понуди. Во пресрет на шопинг викендот, надлежните институции ги повикуваат потрошувачите да купуваат со внимание и да ги проверуваат цените и условите пред да направат одлука за купување.

Од Инспекторатот апелираат до граѓаните да пријавуваат евентуални неправилности, за да се избегнат манипулации од страна на трговците. Апелираат до сите трговци и угостители, да ги почитуваат законите, а своите дејности и услуги да ги вршат во согласност со законските прописи.

Исто така, ги охрабруваме граѓаните, секоја неправилност која ќе ја забележат да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk, стои во објавата од Државниот пазарен инспекторат.

Во некои продавници намалувањето е и до 80%, но само на флаерот. Во продавницата ќе начекате производи кои долго време само собирале прашина, а сега се нудат како „производ од нова сезона“.