МВР отвора истрага за кртот на Заев во полицијата

Министерството за внатрешни работи мора формално да започне истрага за протекување на информации од истрага на полицијата за наводните руски бизнисмени кои што плаќале македонски граѓани да протестираат против промена на името во Северна Македонија.



Премиерот Заев во изјава за американски медиум откри дека уапсените навивачи на полицијата и рекле дека руски бизнисмени плаќале до 21 илјада долари за организирање протести во Македонија.

Заев: про-руски бизнисмени плаќаат за насилни протести во Македонија

Со тоа премиерот му отвори проблем на МВР од каде никој освен јавното обвинителство не смее да биде информирано за истрагата на полицијата и резултатите од неа.

МВР согласно законите и внатрешните процедури дега мора да започне истрага како и од кого премиерот дознал за изјавите на навивачите кои тој ги откри во јавноста.

Истрагата според внатрешните правила на полицијата мора да ги опфати сите оперативци кои што биле инволвирани во испрашувањата на уапсените навивачи како и сите кои што имаат пристап до овие тајни податоци за кои не смее да знае ниту министерот Оливер Спасовски.

Казните за протекување на вакви тајни полициски информации се од дисциплински мерки се до бркање од работа и кривични пријави за оддавање службена тајна.

Министерот Спасовски денеска даде сосема различна изјава од неговиот шеф и рече дека не сака да води истрага преку медиумите и со тоа индиректно го обвини премиерот дека направил грешка што во јавноста открил тајни информации кои што не смее ниту да ги поседува.

Доколку одговорните лица во МВР сега не започнат истрага се соочуваат со кривични пријави за прикривање и помагање при извршување кривично дело кои носат долгогодишни затворски казни.

Во март оваа година, службите кои сега ќе истражуваат кој е кртот на премиерот во МВР фатија помошник на Спасовски кој исто така издавал службена тајна.