Протестите и блокадите на приватните превозници во Скопје може да бидат прекинати и отстранети од страна на МВР, но само ако се загрози безбедност и животот на граѓаните.
Приватните превозници со 200 автобуси четврти ден ги блокираат клучните крстосници во Скопје, кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и Илинденска кај Влада, и бараат Градот да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштуваат дека досега протестите се одвиваат согласно Законот за јавни собири, односно тој е уредно пријавен од организаторот и не се констатирани никакви прекршувања на одредбите.
„Согласно член 6 од овој Закон, Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случаите кога се загрозува животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните, со поттикнување вршење кривични дела утврдени со закон и се загрозување на животната средина“, велат од МВР.
Министерството може да го прекине одржувањето на јавниот собир и во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.







