МВР ќе вработи 600 полицајци

Министерството за внатрешни работи објави јавен оглас за засновање на работен однос на 600 извршители на работно место „полицаец“ за работа во МВР.



Од вкупниот број, 100 извршители се за работа во Сектор за внатрешни работи Скопје, по 40 во СВР Струмица, СВР Битола, СВР Охрид, СВР Велес и СВР Куманово.

Во СВР Тетово се бараат 60 полицајци, а во СВР Штип 70. Според огласот 50 извршители се за Регионалниот центар за гранични работи Север, а по 40 за Регионалниот центри за гранични работи Запад, Југ и Исток.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови:

– да е државјанин на Република Северна Македонија;

– да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование;

– активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;

– со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот;

– да има завршено најмалку четиригодишно средно образование;

– да е здравствено и психофизички способен;

– со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;

– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и

– да има положено тест за интегритет.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:

– потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена)

– висока лична физичка подготвеност.

Заинтересираните кандидати задолжително да достават докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар и тоа:

– извод од матична книга на родените,

– диплома за завршено четиригодишно средно образование и

– две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

Кон пријавата, кандидатот задолжително доставува своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.