Дваесет и четири часа откако не реагираше за собирот на високи претставници на ДУИ во владина просторија кои беа на роденденска журка на Али Ахмети, МВР уапсила повеќе граѓани за исто дело, непочитување на здравствени протоколи.
Полициски службеници вечерва затекнале десетина лица крај оган во село Орман, во Скопје по што организаторите на „забавата“ се приведени и, како што најавија од Министерството за внатрешни работи (МВР), се соочуваат со соодветни поднесоци.
Од МВР во текот на денот апелираа до граѓаните да не организираат какви било собирања и да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Притоа потсетија дека на сила е забраната за организација и одржување на прослави на јавни места, како и организација и одржување на каков било друг тип на прослави и собирања на отворен и во затворен простор на физички и на правни лица во периодот од 18 декември во 2020 година до 21 јануари во 2021 година.
И покрај доказите дека раководството на ДУИ ги прекршило протоколите засега МВР најави истрага но нема поднесоци против луѓето што во државна институција славеа приватен роденден на Али Ахмети.
А за истрага воопшто нема потреба затоа што учесниците признаа дека го прекршиле законот.






