Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трчески доби ново признание, овојпат од германската авиокомпанија „Луфтханза“, на чии летови ќе бидат пуштани музички дела во негова изведба.
Станува збор за избор од 16 дела од Шопен, Чајковски, Бетовен, Равел и други, како и фрагменти од неговиот проект „Македонисимо“, инспириран од македонскиот фолклор. Осум од избраните дела се во негова изведба.
Музиката ќе биде дел од понудата за забава во текот на летот што патниците можат сами да ја избираат преку системот за избор на филмови, музика и игри.
„Навистина ми е многу мило што сум дел од програмата на летовите на ‘Луфтханза’, компанија која е еден од реперите во авиосообраќајот. Да се биде дел од нивните програми што ги слушаат илјадници патници е голема чест, а јас се определив за дела во рамките на правилата на Уметничкиот одбор на компанијата и можностите со авторските права. Се надевам дека на патниците ќе им се допадне мојот разновиден избор од пијанистичка и симфониска литература, но и со мал дел од ‘Македонисимо’, во функција на натамошна афирмација на македонската народна музика изведена на такво високо ниво. Ова е многу убаво и се надоврзува на номинацијата во потесен круг на наградите на Германската музичка критика токму со албумот ‘Македонисимо’, што излезе под етикетата на ‘Лин рекордс’“, вели Трпчески.





