„Во моментов во Македонија постои силна опозиција наспроти Владата, која се наоѓа и натаму на ‘стаклени нозе’ по локалните избори. Голема е можноста економското незадоволство на граѓаните, комбинирано со политичкото незадоволство, заедно да експлодираат и да се излеат на улиците, а ситуацијата да излезе надвор од секаква контрола.“ – вели Беџет Муслиу, директорот на информативната агенција на албански јазик „Журнал“, во својата анализа со наслов „Само со итни економски мерки од интерес на граѓаните Владата може да си го врати политичкиот легитимитет“.
Муслиу пишува: „Владата вети дека ќе интервенира, за да се спречи поскапувањето на основните производи, но досега нема ништо од ова ветување. Многу основни производи за животниот стандард, како што се брашното, лебот, маслото за јадење, шеќерот, одат кон удвојување на цената во споредба не со пред три години, туку само пред три месеци. Веригата на поскапувања не завршува само со овие производи. Економската криза, која од ден на ден се повеќе ги задушува граѓаните, вреди да се анализира и од гледна точка каков ефект може таа да има врз политичките случувања во Македонија.“
„Кастриот Реџепи успеа да ја спаси актуелната Влада, а Алтернатива се очекува да ја прошири. Но, дали може Владата да се спаси од паѓање, ако не преземе драстични мерки во полза на економските субјекти и на граѓаните, што е најважно? Тоа ќе биде многу тешко, имајќи предвид некои чинители. Ако политичката криза се спои со економската, последиците можат да бидат многу поголеми.“
„Парламентарното мнозинство најверојатно ќе остане тесно и нестабилно и по влегувањето на Алтернатива во него со нејзините четворица пратеници. Малите партии како што се Либерално – демократската партија, Движењето за обнова на Македонија, Демократскиот сојуз, но и Демократската партија на Албанците, сега почнаа да мрморат меѓу заби, велејќи дека се дискриминирани во споредба со позицијата, која ја зазема Алтернатива во Владата. Со наближувањето на конечниот договор веројатно е дека овие забелешки ќе бидат уште погласни. Ако кон ова се додадат и претходните антагонизми , кои што постојат меѓу Алтернатива и пратеникот – ‘спасител’ Кастриот Реџепи, тогаш нема потреба да се прави многу математика, за да се констатира дека останува голема можноста прекуноќ пратениците да преминат од ‘казанот’ на власта во ‘казанот’ на опозицијата.“
„Судбината на Владата во голема мера зависи од случувањата, кои не зависат од неа, како што се цената на струјата и на горивото, кои потоа имаа домино – ефект на секоја алка во потрошувачката верига. Имајќи предвид дека во моментот имаме силна опозиција наспроти Владата, која се наоѓа и натаму на ‘стаклени нозе’ по локалните избори, голема е можноста економското незадоволство, комбинирано со политичкото незадоволство, заедно да експлодираат и да се излеат на улиците, а ситуацијата да излезе надвор од секаква контрола.“
„Кога имаме Влада со легитимитет само во бројноста, но и многу оспорен политички легитимите, тогаш е најдобро е таа да си замине, или да преземе радикални мерки во интерес на граѓаните. Во конкретниот случај во Македонија најитни се мерките во сферата на економијата, за да ги заштитат граѓаните од кризата, која доаѓа. Треба да се размислува за олеснувања од една страна, но и за субвенции, од друга страна. Немањето пари не е оправдување, бидејќи тие можат да се обезбедат, ако се стесни просторот за корупција и за злоупотреби на буџетските средства. Ќе биде достаточна искрена борба против корупцијата, барем во овој кризен период.“
„Сегашниот политички и економски момент наметнуваат преземање најбрзи можни мерки во оваа насока. Само ако успее да ги постигне овие цели, Владата ќе може да си го врати разнишаниот политички легитимитет и да акумулира ‘политички кредит’, за да продолжи и со решавањето на внатрешните и надворешните проблеми, кои ја засегаат Македонија како држава.“ – заклучува Беџет Муслиу во својата анализа.





