Муслиу: „Ако Груби не даде оставка, тогаш Ахмети мора го разреши“

„Артан Груби треба да поднесе оставка на сите функции, кои ги извршува, а ако тоа не го стори сам тогаш лидерот Ахмети мора да го разреши. Стратегијата на Груби во изборната кампања доживеа фијаско и тој и донесе пораз на ДУИ. Тој не постигна резултати ниту како потпретседател. Во ДУИ се занимаваше со чистка на партиските фигури, за кои намислил дека ќе му бидат ривали на позицијата претседател на ДУИ. Артан Груби може да биде само шеф на протокол во Министерството за надворешни работи, оти зборувал странски јазици.“ – вели Беџет Муслиу, директорот на информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата колумна, објавена на порталот на оваа агенција.



Муслиу пишува: „Стратегијата на Груби во изборната кампања доживеа фијаско. Фијаско доживеа и ДУИ, колку и да е победничка. Со неговиот арогантен стил, тој ги мобилизираше опозициските гласачи и иритираше многу неопределени бирачи. Ваквиот стил не само што не и донесе ништо на ДУИ, туку и ги стимулираше албанските гласачи, кои ретко излегуваат на бирачките места, да излезат и да гласаат против ДУИ во Тетово, Гостивар, Желино, Врапчиште, Дебар… По првиот круг, кога се насетуваше фијаско во општините каде што Груби ‘го водеше орото на кампањата’, тој се повлече, бидувајќи повоздржан меѓу двата изборни круга. Но, повлекувањето беше задоцнето, бидејќи штетата беше веќе причинета и последиците беа неизбежни во вториот круг на изборите.“

„Но, не беше само стилот во кампањата главната штета што Груби и ја направи на ДУИ. Тој не успеа ниту да се докаже како прв човек на Владата од редовите на партијата на Али Ахмети. За една година како потпретседател на Владата Груби беше преокупиран повеќе со луксузниот кабинет, отколку со работата. Една година е прв потпретседател на Владата и не може да се истакне со ниеден конкретен резултат, освен што трча по разни настани, за да ги присвои успесите на другите министри. Ретко презентира проекти од ресорот со кој раководи.“

„Со навредите кон самите фигури во ДУИ Груби создаде антагонизми внатре во партијата. Целта му беа партиските фигури, кои имаат најголем авторитет кај електоратот. За него е изгледа најважно да ја исчисти партијата, од ривалите, кои намислил дека му се ривали за позицијата претседател на партијата, отколку да води битка со противникот.“

Штом оставка поднел Заев, зошто да не поднесе оставка и Артан Груби?

„ДУИ помина лошо во општините каде што Груби ја водеше кампањата, но таа партија како никогаш досега помина добро во општините каде што кампањата ја водеа клучните фигури на „Огнената група’ (група на внатрешно – партиски незадоволници) Изет Меџити и Блерим Беџети. Тие водеа кампања во Скопје и околината, во Липково и Куманово. Без спотови, без рап музика, без фалење, без навреди кон противниците, туку со неуморна оперативна работа во структурите на партијата и во изборната база, во Чаир, Сарај, Арачиново, Липково, беше постигната победа со неочекуван резултат.“

„Некој и донесе победа на ДУИ, а некој пораз. Ахмети мора да и го даде заслуженото место на ‘Огнената група’, односно на Изет Меџити, како човек со неприкосновен авторитет во изборните единици број еден и два, но и пошироко. Сега тој треба да биде прва виолина во партиското организирање како генерален но и како извршен секретар. Инаугурацијата на Меџити како личност број еден на оперативната и извршната власт во ДУИ мора да ја направи лично претседателот Ахмети.“

„Соодветно место место треба да му се даде и на Артан Груби за ‘заслугите’ на овие избори. Добро е да биде назначен за шеф на протокол во МНР, како човек за кој се вели дека течно зборува странски јазици. Ако тој сам не поднесе оставка од функциите, што ги извршува, тогаш мора да биде разрешен од Али Ахмети.“ – заклучува во својата колумна Беџет Муслиу.