Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ во изjава за весникот „Нова Македонија“ вели дека во пораката на сенаторот Крис Марфи, кој неодамна го посети Скопје и предупреди дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази врз односите помеѓу САД и Македонија, препознава форма на притисок и не исклучува можност да има некакви помали реперкусии врз односите меѓу двете земји ако не се спроведат уставните измени.



„Несомнено, пораката на американскиот сенатор може да значи некакво загрозување на американско-македонските односи ако не ги направиме уставните измени. Одредени импликации ќе има, ако не санкции, тогаш секако некои мерки, промена на ставови, некои проекти и олеснувања би можело да бидат стопирани или одложени, едноставно така оди тоа. Нормално дека е ова притисок бидејќи од нас сè се бара и ќе продолжат да ни бараат“, рече Мухиќ.

Тој додава дека тие можат сè да бараат, да прифатиме и дека сме Бугари и дека јазикот ни е бугарски и дека тоа е услов за влез во ЕУ, а кој не го прифаќа тоа, значи е против Европа и не сака да влезе во Унијата.

„Не е влегувањето „карт бланш“, ќе направам сè што сакате, само за да влезам. Не може тоа така, треба да ги гледаме и сопствените интереси“, вели Мухиќ.

За него целата оваа ситуација со меѓународните притисоци е предвидлива работа што корените ги влече уште од потпишувањето на Преспанскиот договор.

„Сето ова е предвидливо уште од потпишувањето на договорот од Нивици, за кој исто така беше нејасно зошто требаше да се менува името за да се влезе во НАТО. Што има НАТО од тоа? Статусот наш во НАТО ќе беше ист како и сега, а тоа значи статус на вазал. Нашиве политичари велат дека ние сме рамноправна членка, но тоа е далеку од вистината. Ние не сме рамноправна членка бидејќи за ништо не решаваме, туку другите решаваат за нас“, вели Мухиќ.