Муцунски сака да го разреши училишниот директор пријавуван за сексуално вознемирување

Тимчо Муцунски, градоначалникот на Општина Аеродром, објави дека добил предлог од училишниот одбор на ОУ „Лазо ангеловски“ да му го продолжи мандатот на директорот Перо Арсеновски, но дека нема да го направи тоа затоа што претходно неговото име беше поврзувано со пријави за сексуално вознемирување и малтретирање на вработени жени.



„Би сакал да ве информирам дека со цел заштита и одржување на угледот на основното училиште „Лазо Ангеловски“ нема да го именувам за директор предложениот кандидат на училишниот одбор кој е Директор на кој му завршува мандатот. Истовремено, побарав и негово итно разрешување иако мандатот за брзо му завршува. Причините се правни, но и етички и морални.
За актуелниот директор во заминување во изминатите години имаше огромен број поплаки, како од родители на ученици, така и од наставниот кадар на училиштето. Состојбите во училиштето беа повод и за сериозна грижа на општата јавност. За оваа моја одлука го информирав и Министерството за образование и наука и доколку тие не одлучат да ја преиначат мојата одлука, во најбрз рок во училиштето ќе именуваме в.д. Директор од редот на вработените. Во иднина нема да дозволам несоодветни кадри да бидат поставувани на високи позиции, особено кога станува збор за образовни институции“, објави Муцунски.

Градоначалникот додава дека нема да поддржува лице, кое со своето однесување ќе предизвика бурни реакции во јавноста, а и ќе нанесе непоправлива штета на училиштето во скопската населба Ново Лисиче.
„Јас како градоначалник заедно со општинските служби ги преземавме сите неопходни мерки за што побрзо решавање на овој случај и го повикавме Државниот просветен инспекторат најитно да постапи во делот на разрешувањето, за што побрзо да можеме низ транспарентен и отворен процес да се избере нов директор.

Учениците се нашата иднина и најголемо богатство! Ние возрасните сме тие што мора да ги заштитиме и да се грижиме за безбедно образование на нашите деца!“, дополнува Муцунски.