Општина Струга, на чело со градоначалникот Рамиз Мерко, пред две години го продала земјиштето и објектот во кој е сместено ЈП „Водовод“ и оттогаш ова комунално претпријатие за кирија месечно плаќа сума од над 3.000 евра.
Според Антикорупциската комисија, ќе се испитуваат и кириите и продажбата на парцелата, но и судбината на Риродонаучниот музеј кој се наоѓа во близина, јави „СакамДаКажам“.
Директорот на „Водовод“-Струга, Дашмир Насуфи, вели дека киријата и не е толку голема, и дека ја наследил од неговиот претходник и дека правел напори тоа да се смени.
Но, за градските советници остана тајна каде завршуваат парите од кириите, кој е сопственик на објектот, каде освен Водовод е сместено и Јавното претпријатие за паркинзи „ЕКО Струга“, кое исто така плаќа висока закупнина.
Нејасна е и судбината и на струшкиот Природонаучен музеј, кој исто така се наоѓа на атрактивно земјиште. Според шпекулациите во Струга, тој најверојатно ќе биде дислоциран, а на негово место ќе се гради „профитабилен проект“.







