„Еднократното покачување од 3.500 денари не носи гаранција за стабилен раст на пензиите и сигурност на највозрасните граѓани на нашата земја“ велат од Министерствотои за труд и социјална политика за порталот „Локално“.



Од министерството тврдат дека според Законот за пензиско и инвалидско осигурување нема основ за линеарно усогласување на пензиите, а такво усогласување не постои ни во земјите на нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји.

„Тоа не навраќа во 2014 година, кога редовното законско усогласување беше ставено вон сила и се вршеше линеарно усогласување во фиксен износ од 600 денари еднаш годишно.

Во 2015 год., еднаш годишно со фиксен износ од 621 денари и во 2016 год, еднаш годишно со фиксен износ од 654 денари.

Овие износи не може да се споредат со заштитата и поддршката што како Влада им ја обезбедуваме на пензионерите изминатиот период“, велат од МТСП за „Локално“.

Од Министерството за труд и социјална политика се изненадени од револтот на прилепските и кочанските пензионери…

Во изјава за „Локално“ велат дека протестите не се решение ниту тоа е барањето за линеарното покачување на пензиите.

Според МТСП на средби со пензионерите отворено се разговара за напорите да се амортизира растот на цените, да се утврди висината на минималната пензија, се разговара за финансиските пакети за поддршка во справување со енергетската и економската криза, како и за воведување на проектот Помош и нега во домот.