Можна коалиција Беса-Алијанса на изборите за Совет на Тетово на 20.8. – ВМРО НП иницира заеднички македонски настап

„Општинската изборна комисија на Тетово ги направи сите неопходни подготовки за августовските локални избори, на 20. август 2022 година, на кои ќе се гласа за нови локални советници. Тече рокот за доставување на листите. Се врши ревизија на избирачкиот список.“ – објави ТВ Алсат.

Алсат пишува: „Почнавме со сите потребни подготовки за спроведување на изборниот процес ,што ќе се одржи на 20 август. Комисијата сега ги ревидира листите за членови на избирачките совети. Рокот за прифаќање од страна на политичките партии или независните кандидати е до 15 јули до 24 часот.’ – изјави Назми Даути, претседател на општинската изборна комисија на Тетово.“

„Досега ниту една партија не поднела листа со кандидати. Сè уште не е одлучено ниту за можни коалиции. ‘Досега нема некаква коалиција. Имаше разговори само со Алијанса за Албанците, но досега нема коалиција меѓу нас. Движењето Беса на 12 јули свика централно собрание кога ќе се расправа за советничките листи и ќе се дадат предлози. По тоа ќе се донесе партиска одлука“, истакна Бесар Дурмиши од Движење БЕСА.“

„Во следните денови новоизбраниот претседател на огранокот заедно со другите партиски органи и претседателот Ахмети ќе ги разгледа сите околности околу работата на Советот и изборите и ќе се огласиме со конкретен став.’ – изјави Блерим Османи од ДУИ.

„Ист одговор добивме и од Алијансата за Албанците. Разговори има, но нема одлука за конкретни коалиции. Во меѓувреме, во конкуренција повторно ќе влезе независната листа ‘Подобро за Тетово’. ‘Повторно подготвивме листа од 31 кандидат и ќе се кандидираме за советници во општина Тетово. Сега треба да собереме потписи.’ – рече Елмедина Абдулаху од Независната листа ‘Подобро за Тетово’.“

Инаку, како што објави „Полошки глас“, на 28.јуни Општинскиот комитет на ВМРО-Народна партија од Тетово соопшти дека на овие локални избори во август за Совет на Општина Тетово ќе настапи со самостојна листа. Оваа партија во Тетово во своето соопштение имаше укажано дека „постои простор и атмосфера за формирање единствен македонски блок, кој со заедничка листа би настапил на локалните избори“ и заради таква цел ги повика сите македонски политички партии ‘да се вклучат во иницијативата и заедно да ги бранат македонските интереси во Советот на општина Тетово’. До овој момент ниедна македонска партија не се огласила во врска со оваа иницијатива.