Со поклопување на резултатите од последниот круг во фудбалската Лига на нации што завршува утре се отвора можност за квалификациска група за Европско првенство 2020 составена од селекциите на пет од шесте републики на поранешна Југославија.
Македонија, која вечерва ќе го пречека Гибралтар, ќе заврши во петтиот шешир ако Грузија го совлада Казахстан исто така во рамките на дивизијата Д.
Хрватска ќе го почека расплетот во првата и во третата група од дивизијата А, но голема е веројатноста да заврши во првиот шешир за декемвриската ждрепка.
Босна и Херцеговина веќе го зазеде местото во вториот шешир, како и Србија во третиот, а во четвртиот се наоѓаат Словенија и Црна Гора.
Извлекувањето на квалификациските групи за ЕП ќе се изврши на 2 декември во Даблин, а шампионатот ќе се одигра во Амстердам, Баку, Билбао, Брисел, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим и Санкт Петербург.




